КОГА ДЕТЕТО БЕШЕ ДЕТЕ
(од „Небото над Берлин“)
Кога детето беше дете
чекореше мавтајќи со рацете,
посакуваше потокот да биде река,
реката да биде буен порој,
а овој вир да биде море.
Кога детето беше дете,
не знаеше дека е дете,
сè беше една душа
и сите души беа едно.
Кога детето беше дете,
немаше мислење за ништо,
немаше ниту навики,
често си седеше со нозете скрстени,
ненадејно почнуваше да трча,
во косата имаше излижан прамен,
не правеше гримаси кога го фотографираа.
Кога детето беше дете,
беше време за овие прашања:
Зошто сум јас - јас, а зошто не сум ти?
Зошто сум тука, а зошто не сум таму?
Кога започнало времето, и каде завршува просторот?
Дали животот под сонцето не е само сон?
Дали она што го гледам, слушам и мирисам
не е само илузија на некој свет пред светот?
Во однос на вистините за злото и луѓето,
дали злото навистина постои?
Како може јас - оној што сум,
да не сум постоел пред да настанам,
и како може, еден ден, јас - оној што сум,
да не бидам повеќе оној што сум?
Кога детето беше дете,
се задавуваше од спанаќ, од грашок, од сутлијаш,
и од карфиол зготвен на пареа,
но и сега го јаде ова, не само затоа што мора.
Кога детето беше дете,
се разбуди еднаш во чуден кревет,
и веќе секогаш се буди така.
Многумина тогаш изгледаа убаво,
а сега само малкумина, среќно.
Си имаше тоа чиста слика за Рајот,
а сега одвај може да ја насетува,
не умееше да си го замисли ништото
и трепери денес при оваа помисла.
Кога детето беше дете,
си играше со занес, со жар,
и сега ја чувствува истата возбуда како некогаш,
но само кога е во прашање работа.
Кога детето беше дете,
Доволно му беше да изеде јаболко, ... леб,
а така е дури и сега.
Кога детето беше дете,
јаготките штедро му ги полнеа дланките,
дури и сега е така,
мокрите ореви му го ладеа јазикот,
дури и сега е така,
на секој планински врв
имаше копнеж за уште повисока планина,
а во секој град
имаше копнеж за уште поголем град,
и тоа е уште така.
Ги стигнуваше црешите на највисоките гранки,
со истиот восхит како и денес,
пред непознати чувствуваше срам,
и го има тој срам дури и сега.
Го исчекуваше првиот снег,
и на истиот начин чека и сега.
Кога детето беше дете,
фрли стапче како харпун врз едно дрво,
и тоа уште трепери до денес.
Петер Хандке