Jump to content

За Стив Џобс и детската солза

Оцени ову тему


Препоручена порука

За Стив Џобс и детската солзa

Автори: Влад Головин и Александар Ткаченко

2hd4p06.jpg

Го нарекуваат „икона на претприемништвото“. Тој не е просто самоук гениј – „self-made man“, тој е симбол на една цела епоха. А како се однесувал Стив Џобс кон религијата? Многу од вас сигурно знаат, дека основачот на „Apple“ го практикувал будизмот. Но не секогаш било така. Во официјалната биографија на Стив Џобс, напишана од познатиот американски новинар Волтер Ајзаксон, има еден интересен расказ:

„Пол и Клара (старателите на Стив Џобс – заб. на прев.) не биле големи верници, но сакале својот син религиозно да го воспитуваат, и затоа секоја недела го носеле на служба во лутеранската црква. Но кога Стив наполнил тринаесет години, престанал да оди таму. На насловната на еден од броевите на списанието „Life“ имало слика од гладните деца во Бијафра (југоисточна Нигерија). Стив го земал списанието во неделното училиште и го прашал пасторот:

- Ако си го мрднам прстот, дали Господ ќе знае кој прст сум го помрднал уште пред да го сторам тоа?

Пасторот одговорил:

- Се разбира, Господ знае сè.

Тогаш Џобс ја извадил сликата од списанието:

- А дали Господ знае дека овие деца гладуваат?

- Стив, знам дека ти е тешко да поверуваш, но Господ знае сè.

Тогаш Џобс изјавил дека не сака да верува во таков Бог и оттогаш повеќе никогаш не стапнал в црква.

Идниот основач на империјата Apple знаел што да запраша. Со такво прашање може да се затвори устата на секој свештеник, независно колку е умен или образован. И причината за тоа не е дека нема одговор на тоа прашање, туку дека има дејствија кои се длабоко неморални по својата суштина, независно, што однадвор можат да изгледаат добронамерни и благочестиви. Како на пример – да седиш на клупата во храмот и трпеливо да му објаснуваш на тринаесетгодишен тинејџер зошто Бог допуштил децата во Бијафра да страдаат и да гладуваат. Истото е како на дете да му објаснуваш зошто неговите наполно нормални тетки и чичковци го одминуваат паднатиот, неподвижен човек кој лежи на тротоарот...

Пасторот постапил мудро што не влегол во спор со малиот Стив, зашто секој негов одговор во таа ситуација би звучел како цинично оправдување на неправедноста. Не, не бива да се допушта на своите мисли, а уште повеќе – на мислите на некој друг, да тргнуваат по тој крив пат. Познатиот руски филозоф и психолог Симеон Франк пишува: „Да се објасни злото значи да се потврди и на тој начин да се оправда. Но тоа му противречи на севкупното постоење на злото, кое е неправилно и не постои. Единствена правилна позиција во односот кон злото е да го отфрлиш и да се оттргнеш од него, а не да го објаснуваш и на тој начин да го озаконуваш и оправдуваш“.

Всушност, Симеон Франк на тој начин го опишува нормалното однесување за секој христијанин: го гледаш злото, се обидуваш да му се спротивставиш, а ако не можеш, започнуваш да плачеш и да се молиш за својата немоќ, и за оние кои пострадале од злото, за маката која им ја причинило на другите луѓе и самиот тебе, без оглед на тоа колку далеку се случило. Сите луѓе на земјата се потомци на Адам и Ева и тоа значи дека нема „туѓа беда“. Кога некаде таму, на другиот крај на светот, деца умираат од глад, ти секогаш знаеш или чувствуваш, дека, всушност, гладуваат твоите браќа и сестри, дека таа беда те засега и тебе и целото твое семејство.

212a3gg.jpg

Да се огорчува од неправдите во светот е потполно нормално за човекот, кој постапува во согласност со здравите сили на својата душа. Но да ја оправдува својата рамнодушност кон мрзливоста што се случува околу него, со „христијанско смирение“ и богословски схеми, е способен само оној што одамна станал рамнодушен кон несправедливоста и злото во себеси. На праведниот Јов, на пример, воопшто не му било непријатно да се возмутува во врска со Божјите делувања, кои според него биле неправедни: „Бог ме собори и со мрежата Своја ме обвитка. Ете, јас викам: – неправда! – и никој не слуша; врескам, и суд нема.“ (Јов, 19:6-7). Во таа смисла Стив Џобс, и покрај својата возраст, се покажал многу поискрен и почувствителен од многу свои современици, за кои, слични прашања како да не постоеле. Но во неговата постапка има една суштествена разлика, која го одделувала од позицијата на праведниот Јов. Библискиот праведник, губејќи буквално сè што имал – деца, богатство, па дури и здравјето, вреска, се гневи и бара објаснување од Бога за сè што му се случило. Но неговиот гнев е насочен кон Бога како кон единствениот извор на одговорот. Дури ни на памет не му паѓа да каже „во таков Бог не сакам да верувам“. Штом нема друг Бог, треба да се разјаснат односите со Оној, Кој суштествува.

Логиката тука е проста и очевидна: имаш ли барања кон Бога – кажи Му ги, а не да ги споделуваш со соседот. Сериозните прашања секогаш треба да бидат упатени на вистинската адреса. Инаку, наместо одговор, ризикуваш да добиеш еден грст стандардни псевдоблагочестиви глупости, коишто објаснуваат сè, но не им даваат спокојство ниту на умот ниту на срцето.

Христијанските аскети, како и старозаветните пророци, не се притеснувале да му задаваат на Господа „непријатни“ прашања. Така, на пример, основоположникот на монаштвото преподобниот Антониј Велики го запрашал Бога за тоа, коешто го бранувало и Стив Џобс: „Господи! Зошто некои луѓе ја достигнуваат староста и немоќта, а други умираат уште како деца и живеат малку? Зошто едните се бедни, а другите се богати? Зошто тираните и злите благоденствуваат и ги уживаат сите земни блага, а праведните се угнетувани од сиромаштија и беда?“

Такви прашања не можат да се родат во рамнодушно срце и единствено апатичната душа, задоволна од мртвата логика на човечките размислувања, не боледува од нив. Св. Антониј Велики не се обидел проблемот што го измачува да го решава со другите монаси. Како и праведниот Јов, тој се надевал решението да го најде не во богословска дискусија, туку во молитвата. И Бог му одговорил. Навистина, тој одговор бил неочекуван и сосема не прилегал на тоа што луѓето го очекуваат во слични ситуации: „Антониј, внимавај на себеси и не се занимавај со испитување на Божјите судбини, тоа е душеполезно“.

Покрај останатото, праведниот Јов исто така слушнал нешто слично: „...каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? – кажи, ако знаеш. (...) Мојот суд ли сакаш да го собориш, да Ме обвиниш, а себеси да се оправдаш? Тогаш украси се со величие и слава, облечи се во болскот и великолепие; излеј ја јароста на гневот свој, погледај сè што е гордо и смири го; погледај ги сите поносни и понизи ги, сотри ги безбожниците на местата нивни; закопај ги сите во земја и покри ги лицата нивни со темнина. Тогаш и Јас ќе признаам, дека твојата десница може да те спасува“. (Јов 40: 3-9)

51c6lt.jpg

И овој, и другиот одговор всушност се сведуваат на познатиот принцип од детството: „Не си доволно пораснат за да разбереш. Уште ти е рано!“. Но чудно, и двајцата прашувачи останале наполно задоволни од таквото необично објаснување. Причината, се разбира, е следната.

Прашањето за страдањата на невините деца или возрасните луѓе го измачува човекот, не затоа што нашиот разум не може логички да ги смести тие страдања со постоењето на еден семожен и сезнаен Бог – Љубов. Тоа и не би било толку страшно – и други нешта не можеме да разбереме со помош на логиката. Всушност нешто сосема друго не измачува. Зад хрестоматијната карамазовска „детска солза“ или корицата на списанието „Life“ во рацете на Стив Џобс се крие многу потрагичното прашање: зар сепак Бог не постои во овој безумен свет? Зар сите овие страдања на овие невини луѓе се апсолутно бесмислени и се јавуваат единствено како неоспорно свидетелство, дека нашиот свет останал сираче?

Во историјата на пророците и светителите, на Иван Карамазов и Стив Џобс, може да се препознае еден општ крик: „Господи, ако Те има, зошто го допушташ овој кошмар?“ На крајот на краиштата, сите си го поставиле единствено тоа прашање. Останатото се конкретните состојби коишто го испровоцирале тој крик кон Бога кај најразличните народи и во најразличните времиња.

И така, што може да се одговори на „проклетото прашање“ на Стив Џобс. Во крајна линија – ништо. Затоа што на тоа прашање одговорот може да го даде само Бог. Бог му одговорил на свети Антониј Велики и на праведниот Јов и тие се успокоиле: „Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат“ (Јов 42:5) Стив Џобс исто така слушнал за Бога, но не добил одговор и си заминал разочаран. Бидејќи за причините на злото во светот не Го прашал Оној, Кој единствен може да му одговори. И во тој миг, со своето прашање не го ставил пасторот во слепа улица, туку самиот себе си, и тоа за долги години.

Ниту еден пастир, свештеник или богослов не е во состојба да објасни зошто на овој свет има страдалници и деца кои умираат во маки. Секој обид за такво објаснување секогаш ќе биде супститут на вистинскиот Одговор, во којшто Бог се открива Себе си на човекот. Потребно е само да Го прашаш, потребно е само да се обратиш кон Него, дури и да си мислиш, „дека на таквиот Бог не заслужува да Му се верува“. Зборувај Му и за тоа, огорчувај се, гневи се, како што правел и Јов, но прашувај, прашувај Го Бога за она, коешто не ти дава да живееш спокојно. Затоа што друг начин да добиеш одговор на „проклетото прашање“ едноставно не постои.

Извор: Фома.ру

Оригинален наслов: Что ответить Стиву Джобсу, или Снова о слезинке ребенка

Link to comment
Подели на овим сајтовима

  • 1 month later...

Ми се допадна особено последниот дел од текстот, со поента - обрати Му се на Бога, за што и да било... тоа е секогаш најдобро, иако, нели, секогаш претпочитаме да бидеме „судии“... поздрав :)

Link to comment
Подели на овим сајтовима

е мило ми е...

да си ја уловил поентата: „обрати се на Другиот“ за да го чуеш безгласниот глас на Словото

а за корумпираното „судство“ во нас, лекот се реформите ;-) хахаха

е, да добредојде! ќе заборавев за малку :)

Link to comment
Подели на овим сајтовима

Добронајдов... едно време само „наминував“ тука, ама ми се допаѓаат дискусиите, па решив да се „одомаќинам“ малку....

туку, не очекував дека веднаш ќе наидам на „земјак“... :)

Поздрав.

Link to comment
Подели на овим сајтовима

непредвидливото е важен момент во животот на човекот од нашата епоха....

во тој контекст ти посакувам повеќе непредвидливи нешта :)

а и ти благодарам што ја извади темава од нафталин (сега малку може ќе замириса ама верувам ќе се изветрее тоа брзо)

Link to comment
Подели на овим сајтовима

  • Чланови који сада читају   0 чланова

    • Нема регистрованих чланова који гледају ову страницу
×
×
  • Креирај ново...